Адреса

Бул. Илинден бр. 86, Скопје 1000

Телефонски број

02 3117 669

Е-пошта

contact@musmacscinat.mk

историја

Историски развиток на музејот (1926-2021)

Природонаучниот музеј на Р.С. Македонија е формиран на 26 октомври 1926 година, на иницијатива на познатиот зоолог д-р Станко Караман. На идејата за формирање на една ваква институција ѝ претходеле неколку настани, кои се покажале како пресудни за донесување на една ваква одлука. Најнапред, тоа е излегувањето на монографијата „Македонија“ (Mazedonien) од д-р Франц Дофлајн во 1921 година, од каде што младиот Станко Караман ги добива првите информации за разно­видноста на флората и фауната во Р.С. Македонија и тоа претставува силен поттик да донесе одлука да ја посети нашата држава.

Првпат доаѓа во Р. С. Македонија во 1922 година. Иако престојот бил краток, д-р Караман, сепак, успеал да собере и да проучи доволно материјал за да го објави својот прв труд – Придонес кон херпе­тофауната на Македонија. Следниот, подолг престој, се остварил наредната, 1923 година. На покана на Хигиенското одделение на тогашното Министерство за народно здравје, д-р Караман поминува шест месеци во проучувањето на мала­ричните комарци со цел сузбивање на маларијата. Резултат на неговата работа е трудот Анофелите во Македонија, објавен истата година. Покрај службената работа, младиот Караман со голем ентузијазам колекционира и обработува различен фауни­стички материјал, при што посебно внимание посветува на ихтиофауната во Р.С. Македонија. Резултат од таа негова работа и посветеност е уште едно капитално дело за македонската фауна Рибите во Македонија, кое излегува во Сплит, во 1924 година.

Овие два престоја се пресудни во донесувањето на неговата конечна одлука да го напушти работното место на Универзитетот во Загреб и да помине на постојана работа во Р. С. Македонија. Во новоформираниот Завод за тропски бо­лести, назначен е за паразитолог, со задача – борба против пренесувачите на мала­ријата и цревните заболувања (хелмин­итијази) во Р.С. Македонија.

Патувајќи низ Р. С. Македонија, д-р Караман продолжува со својата активност на колекционирање и проучување на разновиден фаунистички материјал, но веќе со идеја дека неговата работа треба да добие институционална форма. Таа негова идеја, конечно, се реализира есента 1926 година, со донесување на акт за формирање на Зоолошкиот музеј во Скопје како дел од тогашниот Музеј на Јужна Србија. Периодот од формирањето на Музејот до почетокот на Втората светска војна го карактеризира силен подем, во повеќе правци. Иако д-р Караман е единственото стручно лице, потпомогнато од еден препаратор и од едно техничко лице, тој успева да ја збогати музејската збирка, да ги организира првите изложби и да ја развие издавачката дејност. Своите трудови во најголем број ги печати во „Гласникот на Скопското научно друштво“, чиј уредник бил од 1937 до 1941 година. Идејата дека Музејот мора да има свое издание ја реализирал во 1939 година со покренувањето на научното списание „Annales“, од кое излегле седум броеви, но случувањата за време на Втората светска војна го прекинале неговото понатамошно издавање.

Интензивниот развиток на Музејот наметнувал потреба и од поголем простор и од подобри услови за работа. За таа цел, Музејот во повеќе наврати ја менувал својата локација. Од просториите на тогашното музичко училиште, каде што ја започнал својата работа, Музејот се преселува во зграда во Дебар Маало, каде што останува до 1934 година. Во периодот од 1934 година до 1938 година Музејот е сместен во просториите на градската кафеана „Кермес“ во Градскиот парк, а потоа од тука се преместува во зградата на д-р Рубен на ул. „Илинденска“ каде што останува до 1941 година.

За време на окупацијата, д-р Станко Караман го напушта Музејот и се сели во Србија, а Музејот станува дел од Царскиот природонаучен музеј од Софија. За директор бил назначен д-р Крсто Тулешков, ентомолог. Кон крајот на 1941 година, Музејот се сели во зградата на ул. „Орце Николов“ бр. 11, каде што останува до катастрофалниот земјотрес во 1963 година.

Периодот од завршувањето на Втората светска војна до земјотресот во 1963 година е период на интензивен музејски развиток. За директор на Музејот е назначен младиот дипломиран биолог Петар Икономов, под чие раководство се интензивираат сите музејски дејности. Дипломирањето на првата генерација биолози на Филозофскиот факултет го олеснило кадровското екипирање и дало основа за нова организациска поставеност на Музејот, преку формирањето на посебни одделенија. Прво се формираат хидробиолошкото, палеонтолошкото и ботаничкото одделение, а подоцна и ентомолошкото одделение и одделението за препарирање. Во тој период се формира и музејската библиотека како многу важен сегмент во работата на Музејот.

Во годините што следуваат интензивно се работи на преуредување и дополнување на постојаните изложби во Музејот. Се изработуваат дермопластични препарати од различни групи, а за првпат се применува и нова метода за изработка на вештачки флористички материјали. На тој начин, преку диорамите, на многу автентичен начин можеле да се доловат делови од природата, кои биле презентирани како во постојаните така и во тематските музејски изложби.

Интензивната научноистражувачка рабо­та која се одвивала во Музејот ја наметнала потребата од повторното активирање на издавачката дејност. Д-р Икономов заедно со Д-р Караман, кој во музејот се вратил во 1952 година, го иницирале излегувањето на две музејски изданија: Acta, чиј прв број излегол во 1953 година, и Fragmenta balcanica во 1954 година.

Покрај постојаните, во музејот се организираат и одредени тематски изложби во кои се обработуваат теми најчесто поврзани со наставниот план и програма на училиштата. Водството низ изложбите за организираните групни посети, како дел од работата на стручните лица во музејот, се и првите почетоци на просветно-педагошката дејност, која има за цел да ја популаризира музејската работа и да влијае на подигање на свеста за значењето на зачувувањето и одржувањето на природната средина.

Катастрофалниот земјотрес во 1963 година на момент го прекинува нормалното работење на музејот. Огромни штети се направени како во изложбениот така и во работниот дел од музејот. Особено се ненадоместливи штетите направени на научните збирки. Кај дел од нив е загубен и значаен типски материјал. Условите за работа во овој период се многу органичени. Музејот е сместен во три бараки, од кои две биле за изложбен дел, а една служела за работни простории.

Во периодот по земјотресот тогашните државни власти донесуваат нов урба­нистички план, во кој е предвидена изградба на нов објект за Природонаучниот музеј. Изградбата започнува во 1967 година, а завршува во 1969 година, кога музејот и официјално започнува со работа во денешните простории.

Во наредните години, главен предизвик на веќе формираниот технички и научен кадар е пополнување на просторот предвиден за постојаните изложби. За тие потреби, интензивно се работи на колек­ционирање на различен музејски материјал и негова подготовка за изложување. Паралелно се работи на изработка на флористички материјал потребен за дио­ра­мите и техничко уредување на излож­бениот простор. Како резултат на таквата повеќегодишна интензивна работа, посто­јаните изложби на приземјето се завршени во 1976 година, а на катот во 1981 година.

Покрај изложбената дејност, во која се вклучени постојаните и тематските изложби, во Музејот се работи и на останатите музејски дејности. Работата на научноистражувачките проекти овозможу­ва, од една страна, колекционирање на различен музејски материјал и збогатување на музејските збирки, и интензивирање на издавачката дејност, од друга страна. Тоа се должи на научната обработка на музејскиот материјал и потребата од презентирање на резултатите за поширо­ката научна јавност. Вкупниот музејски фонд, на оваа годишнина, ја надминува бројката од 300 000 музејски примероци. Издавачката дејност во меѓувреме се проширува со нови наслови. Покрај двете постоечки музејски изданија, во 1965 година излегува и „Посебно издание“, а од 1971 и едицијата „Фауна на Македонија“. По повод 50, 75, 80 и 90 години постоење и работа на Природонаучниот музеј на Република Северна Македонија издадени се четири јубилејни зборници.

Зголемената издавачка дејност и размената на публикации со голем број сродни институции од целиот свет овоз­можиле, меѓу другото, книжниот фонд на музејската интерна бибилиотека да се зго­ле­ми до приближно 50 000 единици.

Отворањето на постојаните музејски изложби и организирањето на повре­мените тематски изложби само ја потвр­дуваат потребата од постоењето и од понатамошниот развој на просветно-педагошката дејност. Затоа, во 1981 година, се отвора ново работно место за музејски педагог, денес музејски едукатор. Со тоа се создаваат неопходните услови за развој на една многу важна музејска дејност преку која се остварува непосредниот контакт на публиката и јавноста со музејската работа, се врши нејзина популаризација, а преку соработката со училиштата и другите сродни институции се реализира и едукативниот сегмент, кој е составен дел на целокупната музејската работа.

Денес, Националната установа Природонаучен музеј на Република Северна Македонија – Скопје и понатаму го задржува приматот на институција во проучувањето на биолошката разновидност на оваа територија, чии резултати далеку ги надминуваат националните граници и го вбројуваат во редот на регионалните центри. Предизвиците на новото време, како резултат на различните општествени турбуленции, кои се одвиваа во потесни и пошироки рамки, неможеа а да не остават трага во неговото работење. Но, за среќа, сите досегашни предизвици, кои беа од различна природа, Музејот успешно ги пребродува и продолжува да биде активен чинител во проучувањето и чувањето на природното богатство на Македонија.

 

Контакт

 

Бул. Илинден бр. 86, Скопје 1000
Телефонски број: 02 3117 669
Е-пошта: contact@musmacscinat.mk

Социjaлни мрежи