Адреса

Бул. Илинден бр. 86, Скопје 1000

Телефонски број

02 3117 669

Е-пошта

contact@musmacscinat.mk

УРЕДУВАЊЕ НА ПАЛЕОНТОЛОШКИОТ ЛОКАЛИТЕТ „СТАМЕР“ КАЈ ДЕЛЧЕВО

На територијата на Македонија досега се регистрирани околу петнаесетина локалитети на кои се пронајдени остатоци од животински видови коишто во геолошкото минато егзистирале на подрачјето од нашата држава, на коишто е откриена и детерминирана таканаречената „пикермиска фауна“, или „хипарионова фауна“, којашто е составена од видови кои се многу слични на денешните претставници од степско-саванските предели на централна Африка, како што се претците на денешните слонови, носорози, хиени, жирафи, антилопи, мајмуни и други изумрени животни. Староста на оваа фосилна фауна датира од геолошките периоди: миоцен, чие траење изнесувало околу 17 милиони години и долен плиоцен, со траење од околу 3 милиони години.
Најнов истражуван палеонтолошки локалитет е локалитетот „Стамер“ кај Делчево на којшто теренските претраги започнаа во 2007 година од страна на Природонаучниот музеј на Македонија, при што, беа откриени остатоци од масовна гробница на праисториски животни. Локалитетот е од особено значење поради пронајдокот на гигантски рог од жирафа, која е нов вид, кој зборува за размената на животни меѓу Јужна Европа, Јужна Азија и Африка. Заради ваквото откритие, во рамките на „Програмата за зачувување на природата во Република Северна Македонија – фаза 2“ за 2017-2020 година, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка координиран од страна на Фармахем, Скопје со подршка на Швајцарската организација Helvetas Swiss Intercooperation, во којашто е вклучено и Македонското еколошко друштво (МЕД) како партнер во втората фаза на Програмата, беше реализиран проектот за уредување на овој репрезентативен објект со: информативни табли, изградба на видиковец, поставување ознаки према локалитетот, уредување на пешачка патека по должината на неколку локалитети на кои се пронајдени скелетни елементи од следните видови предисториски животни: носорог (Rhinoceros sp.) жирафа (Sivatherium garevskii Geraads, 2009) , тропрстен коњ (Hipparion sp.), слон – мастодон (Deinotherium gigantissimum Stefanescu, 1892), говедо (Parabos cordieri De Christol, 1832), хиена (Adcrocuta eximia Roth et Wagner, 1854) и свиња (Microstonyx erymanthius Gervais, 1848). За да биде впечатокот по силен наскоро покрај видиковецот ќе бидат поставени и склуптури на скелетни елементи од жирафа.
Покрај уредувањето на локалитетот „Стамер“ којшто е прогласен за природна реткост, исто така беа поставени информативни табли и на геолошкиот профил „Звегор“ и на „Киселичка пештера“, кои исто така се прогласени за природни реткости и се наоѓаат на подрачјето на општината Делчево како и локалитетот „Стамер“.
Со вакви афирмативни уредувања и на други локалитети ќе се направи поголема популаризација на природното богатство на Македонија а со тоа и поголем развој на екотуризмот.
 
Стручно популарни текстови за инфо таблите:
д-р. Ивица Милевски, м-р. Биљана Гаревска и Васил Анастасовски.

Контакт

Бул. Илинден бр. 86, Скопје 1000
Телефонски број: 02 3117 669
Е-пошта: contact@musmacscinat.mk

Социални мрежи